Васко Гелев раководи со компанијата Евроконтакти од Прилеп која се занимава со откуп, преработка и продажба на отпад (пластика, хартија и железо).
„Идејата ја добив за време на студискиот престој во Германија. Кога се вратив, решив да отворам свој бизнис и во 2003 година ја основав „Евроконтакти“, раскажува Гелев. „Располагав со многу малку средства кога почнав и се што заработував, вложував во бизнисот. Така, првата заработка ја вложив во преса за хартија и вага“, се сеќава Васко. Иако дејноста со која се занимава бара поголем простор, во почетокот тој имал само 200 м2 на располагање.
Постепено, во текот на работењето Гелев набавува нови машини за преработка на пластика. Покрај тоа, започнал и со транспорт на отпадот што била додадената вредност на самата компанија. „Во Германија научив дека треба да се биде препознатлив во работењето, да се разликуваш од другите, а разликата да ти биде додадена вредност на работата“, вели тој. И бидејќи транспортните услуги станале се побарани, Гелев регистрирал посебна транспортна компанија – „Евроконтакти транспорт“. Со средствата од заемот од МРФП преку НЛБ Тутунска банка, Гелев инвестира во ново превозно средство, камион, со кое ги намалува трошоците за транспорт поради поекономичната потрошувачка на гориво.
Денес „Евроконтакти“ и „Евроконтакти транспорт“ располагаат со земјиште од два декари на кое се врши складирање, откуп и преработка на отпадот и со 17 превозни единици вклучувајќи и приклучни возила.
Компаниите се извор на егзистенција за 13 лица.
Плановите за иднината се насочени кон изградба на нов објект за преработка на пластика што ќе биде лоциран на новокупеното земјиште во Македонски Брод. Освен тоа, целосно се интегрира системот на логистика и системот на откуп, преработка и продажба на производите. Васко Гелев во иднина планира да го усоврши системот на логистика преку користење на транспортните средства.