Горан Тодоровиќ ја започнал стоматолошката приватна пракса во 1993 година основајќи ја Приватната здравствена установа „Неодент“ во Битола. Дотогаш, тој имал седугодишно искуство како стоматолог во амбулантата во Новаци. Седум години по осамостојувањето, Тодоровиќ, во 2001 година, започнал да работи имплантологија.
„Стоматолошката ординација е семеен бизнис во секоја смисла на зборот“, вели Тодоровиќ, „бидејќи во неа се ангажирани и мојата сопруга и синот, кои исто така се стоматолози.“ Покрај нив, во „Неодент“ работат уште четири лица, а ангажираат и надворешни соработници, односно, забните техничари.
Стоматолошката ординација нуди услуги од областа на: протетика, ортодонција, ресторативна стоматологија, имплантологија, парадонтологија, орална хирургија, естетска дентална хирургија, детска стоматологија и радиологија. Бројот на пациенти за сега изнесува околу 2000 од кои, најголем број се од Грција. Заради тоа, најголем предизвик за „Неодент“ е кризата во еврозоната, или поспецифично во Грција, која влијае на куповната моќ на граѓаните. Не помал проблем, според д-р Тодоровиќ е и ненавремената исплата на средства од Фондот за здравствено осигурување.
Според Горан Тодоровиќ, конкурентната предност на неговата ординација е квалитетот. Тоа е причината што неговите пациенти доаѓаат од Патра и Крит во Битола. Свесен за ова, тој постојано ги следи новите технолошки достигнувања кај стоматолошката опрема. Заемот од МРФП, преку Тутунска банка, во износ од 15.000 евра, во „Неодент“ ќе го искористат за набавка на опрема и тоа физиодисперзер и хируршко светло. И плановите за во иднина се во оваа насока - да се доопреми делот за имплантологија со 3Д техника за изработка на шини што подразбира инвестиција од околу 200.000 евра.